Поголем број политичари од двете најголеми партии во САД го критикуваа претседателот Доналд Трамп за кажаното на заедничката прес конференција со рускиот претседател Владимир Путин вчера во Хелсинки.

Спикерот на Сенатот Мич Мекконел, кој е од Републиканската партија, изјави дека „Русите не ни се пријатели“ и дека целосно се согласува со оценката на американските разузнавачку служби дека Русија се мешала во изборите во 2016 година на кои Трамп ја победи Хилари Клинтон.

Поранешниот потпретседател Џо Бајден, за кого се очекува да ја бара демократската номинација на изборите во 2020 година, оцени дека прес конференцијата „го нарушила достоинството на претседателот на САД“.

- Однесувањето на Трамп на средбата со Путин не беше добар момент за нашата држава. Ова беше добар ден за претседателот Путин, изјави републиканскиот сенатор Боб Коркер, кој претседава со Комитетот за надворешни работи на Сенатот и е чест критичар на Трамп.

Џејмс Коми, директорот на ФБИ кој беше разрешен од страна на Трамп, на својот профил на Твитер напиша дека Трамп веќе не ја брани сопствената држава и се среќава со Путин „кој е лажго, гангстер и убиец“.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 10:43