Албанските емигранти во првиот квартл од годинава на своите семејства во Албанија им испратиле осум отсто повеќе средства споредено со истиот период лани.
Според податоците од Централна банка на Албанија, во овој период тие траснферирале 147 милиони евра, што е за 12 милиони евра повеќе од минатата година.
Најголемиот дел од добиените средства се трошат за задоволување на потребите за храна и за облека. Дознаките и понатаму се главни приходи во семејствата, посебно во подрачјата на Кукс и Пешкопеја, каде отпаѓаат 15-19 отсто од вкупниот износ на парите.
Областа Кукс има највисоко ниво на сиромаштија или 22,5 отсто и приходите од емигрантите позитивно влијаат за намалување на таквата појава.
Анализите на Централната банка потврдуваат дека во Албанија поголемиот дел од средствата не се трасферираат преку банкарски сметки. Тоа е поради високата провизија, како и ниското ниво на финансиска култура, посебно во руралните подрачја.
Во западноевропските земји живеат и работат 1,15 милиони албански емигранти, поголемиот процент во Грција и во Италија, кои со парите кои ги испраќаат помагаат 26 отсто од албанските семејства. Во текот на минатата година депозитите на албанските емигранти достигнале 1,16 милијарди евра.