Нашата позиција е јасна и опфаќа две работи или 180 пратеници или народот, вели потпретседателот на Независни Грци, Панајотис Згуридис, во однос на ратификацијата во грчкиот Парламент на Договорот од Преспа.

Во интервју за грчкото радио „Реал фм“ тој ја повторува позицијата на коалицискиот партнер во грчката Влада дека решението меѓу Македонија и Грција треба да биде изгласано со зголемено мнозинство (180, наместо 151 пратеник), а во спротивно, тие ќе се повлечат од владата. Згуридис ги демантира и информациите дека Договорот би добил глас и од некои од пратениците од Независни Грци.

- Нема да има пратеници од Независни Грци кои ќе гласаат за Договорот, вели Згуридис.

Прашан во однос на информациите дека имало, од руски фактори, обид за поткуп за учество во протестите во северна Грција, Згуридис вели дека „не треба некој да потплати за Независни Грци да ја задржат позицијата што ја имаат од самиот почеток“, јави дописничката на МИА од Атина.

- И јас лично учествував во големите протести, и на првиот во Солун и на првиот во Атина, но ова беше поради позицијата и ставот на Независни Грци, уште од основачкиот конгрес дека не треба на нашата северна граница да има држава што ќе го има содржи зборот Македонија во нејзиното сложено име, објаснува потпретседателот на Независни Грци во интервјуто за грчкото радио.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 16:20