Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска во своето обраќање во рамки на третата седница на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на Република Македонија, на која воведно обраќње имаше Јоханес Хан, Kомесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија истакна дека клучно е учеството на релевантните засегнати страни за севкупен напредок во процесот на мониторинг кој води кон интеграција во Европската Унија.

„ За успешно спроведување на реформските процеси во земјата на патот кон ЕУ, како што посочи комесарот Хан, клучно е учеството на релевантните засегнати страни, но тоа да не биде само форма, туку суштина. Затоа го поздравувам Комесарот Хан и бидејќи досега сме дискутирале на овие теми апелираме не само да не консултираат туку и вклучат активно во процесите со цел побрза интеграција“, порача Арсовска во своето излагање.

На седницата на Националниот совет за евроинтеграции, еврокомесарот Хан истакна дека нема време за губење.

„Важно е да демонстрирате инклузивност и дека се работи на стратешките приоритети на земјата. Имате единствена можност да се обединат сите различни сили во општеството и да се направи разлика на подобро. Пред нас се голем број предизвици затоа ве охрабрувам да бидете концентрирани и обединети“, порача Хан.

Тој нагласи дека во однос на реформите кон ЕУ приоритет треба да се даде на клучните области идентификувани од страна на Европскиот совет, а Европската комисија ќе продолжи да и помага во овој процес на земјата кој ги опфаќа реформи во правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, реформата на безбедносните и разузнавачките структури и реформата на јавната администрација. Укажа дека предвидениот референдум ќе биде важен за иднината на земјата и ги повика сите граѓани особено младите да го остварат демократското право оти како што посочи секој глас е битен. Еврокомесарот Хан, со денешната посета на Македонија, официјално го означи почетокот на скрининг процесот со Европската комисија за утврдување на нивото на усогласеност на домашното со законодавството на ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 02:13