Во Брисел денеска ќе се одржи средба на претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, како дел од процесот за нормализација на односите меѓу двете земји, што се води под покровителство на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.

Според најавите, косовската делегација на средбата ќе биде на ниво на државен врв и во неа да бидат вклучени и премиерот Рамуш Харадинај и спикерот на косовскиот Парламент, Кадри Весели.

Кабинетот на Могерини најави дека средбата се организира со цел да се разгледа досега постигнатото во преговорите, но и да се „засили работата на сеопфатен договор“ меѓу Косово и Србија.

Портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчиќ изјави дека се можни средби во разни формати, дури и директни разговори меѓу српските и косовските претставници, без присуство на Могерини.

Вучиќ изјави дека на претходната ваква средба, кон крајот на јуни, било договорено сите проблеми да се решаваат со мирни средства, додавајќи дека Србија се бори „да добие нешто“ од овие преговори, а не да „остане без ништо“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 10:04