По долгите чекања за влез во Косово и големите колони на граничните премини со Србија, косовскиот премиер, Рамуш Харадинај побара на два гранични премини да се постават дополнителни пунктови за контрола на документите на сонародниците кои од Западна Европа доаѓаат за летните одмори во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

За барањето што го доставил до Министерството за внатрешни работи Харадинај информира преку објава на Фејсбук.

- Со цел забрзување на процедурите на граничните премини, побарав од министерот за внатрешни работи, Бејтуш Гаши, во Мердаре и Јариње да се постават додатни контролни пунктови за документите и поголем број гранични полицајци. Така ќе се олеснат процедурите и непотребното чекање на нашите сонародници на граница, напиша косовскиот премиер.

На граничните премини за влез од Србија во Косово се создаваат километарски колони од возила со кои Косовците од дијаспората доаѓаат за летните одмори во татковината и се чека по неколку часа.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 11:21