Турски суд денеска донесе одлука за продолжување на притворот на американскиот свештеник Ендрју Бренсон, кому се суди за „терористичка активност“.
Одлуката е донесена на денешното трето рочиште од процесот, кој се води во суд во Алиага, во октугот Измир, пренесува БТА. Следното рочиште е закажано за 12 октомври.
По неуспешниот пуч во јули 2016 година, во Турција беа уапсени илјадници лица, вклучувајќи го и американскиот христијански мисионер Бренсон, кој водеше мала црква во Измир на западниот брег на Турција. Бренсон е во притвор од октомври 2016 година, а турските медиуми наведуваат дека обвинувањата против него вклучуваат припадност на Ѓуленовата мрежа, која турската влада ја смета за терористичка организација.
САД тврдат дека Бренсон е невин и бараат неговото ослободување.
Свештеникот Бренсон, кој живее во Турција двесетина години, е обвинет и за шпионажа со политички и воени цели. Доколку биде прогласен за виновен, тој се соочува со затворска казна до 35 години.