Министерствата за земјоделство и за економија, како и Царинската управа од македонска страна, работат на анализи на ефектите од времената мерка што ја воведе Косово и многу брзо ќе излезат со реакција за што ќе бидат известени и членките на ЦЕФТА.
Како што соопшти денеска Министерството за земјоделство, Одлуката на Косово за воспоставување зголемена царина од 30 отсто за овошје и зеленчук не е во согласност со заедничките цели дефинирани преку Берлинскиот процес: брз проток на стока и отстранување на царинските бариери.
- Активно се работи на заеднички меморандум за соработка меѓу македонското и косовското Министерството за земјоделство што треба да придонесе за олеснување на трговската размена меѓу двете земји, наведува МЗШВ.
Косово оваа година е претседавач со ЦЕФТА, а трите први приоритети во неговата Програма се олеснување на трговијата, хармонизација на ЦЕФТА пазарите со ЕУ и креирање регион без нетарифни бариери и мерки кои ја нарушуваат трговијата.
- Наша обврска е да ги заштитиме домашното производство и извозно ориентираните земјоделски производи. Очекуваме Владата на Косово да ги земе предвид придобивките од Берлиснкиот процес и низ една заедничка дискусија преку разгледување на сите анализи и факти, да дојдеме до заедничко решение што ќе подразбира олеснување на трговската размена во регионот, информира ресорно Министерство.
Од денеска и официјално стапува во сила времената мерка што ќе трае три месеци и е насочена кон сите држави кои извезуваат во Косово.
Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари - јуни изнесува над 2,5 милијарди денари.