Врховниот суд на Хрватска одлучи дека на капитенот на хрватската фудбалска репрезентација и играч на Реал Мадрид, Лука Модриќ, ќе му се суди во Загреб наместо во Осиек поради лажно сведочење за судењето на поранешниот шеф на Динамо, Здравко Мамиќ, јавија хрватски медиуми.

Обвинението против Модриќ е подигнато во март пред Општински суд во Осиек каде се водеше постапка против Мамиќ кој во јуни е осуден на 6,5 години затвор поради извлекување 15,6 милиони евра од загрепскиот фудбалски клуб Динамо и нанесување штета на државниот буџет од 1,6 милиони евра.

Пред изрекувањето на пресудата Мамиќ побегна во БиХ. Тој има двојно државјанство – хрватско и на БиХ.

Врховниот суд наведува дека се прифатени аргументите на одбраната на Модриќ дека тој има престојувалиште во Загреб, а не во Осиек. Се очекува наесен да биде закажана седница на обвинителен совет кои обвинението против Модриќ може да го потврдат, отфрлат или да вратат во обвинителство на доработка.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 15:56