Махмуд Ваези, шеф на кабинетот на иранскиот претседател, денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп минатата есен барал да се сретне со Хасан Рохани во кулоарите на Генералното собрание на Обединети нации.

- При последната посета на Њујорк на Рохани на сесија на ГС на ОН, Трамп осумпати побара од иранската делегација да се сретне со претседателот, истакна Ваези.

Тој додаде дека иранаската делегација не одговорила на барањата за средба помеѓу Рохани и Трамп.

Американскиот претседател барал средба со Рохани откако изјави дека не може да потврди дека Иран се придржува до мултилатералниот Договор за иранската нуклеарна програма потпишан во 2015 година.

- Ние водиме транспарентна политика и имаме јасна позиција за односите со САД... Нема да потпаднеме на притисокот, посочи Ваези.

Откако САД се повлекоа од мултилатералниот Договор со Иран, Трамп изјави дека е отворен за преговори за нов договор со Иран, кој нема да се однесува само за нуклеарната програма, туку за неговата регионална улога и за програмата за балистички ракети на Исламската Република.

Иран истакна дека нема да преговара за Договорот од 2015 година. Техеран сега преговара со европските и азиските партнери за изнаоѓање на начини за заобиколување на американските санкции, кои ќе бидат воведени следните месеци.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2018 16:56