За време на двегодишна вонредна состојба во Турција, десетици илјади луѓе беа отпуштени од администрацијата и армијата, а полицајци и новинари беа уапсени.

Клучни факти, собрани од агенцијата Анадолија, синдикатите и организациите за заштита на правата на медиумите:

-Вонредната состојба беше продолжувана седумпати, секој пат за период од три месеци.

-Претседателот Реџеп Тајип Ердоган ја искористи вонредната состојба за да владее со декрети и издаде над 30 укази.

- Над 77.000 лица беа уапсени по осуетениот обид за преврат поради наводни врски со исламскиот проповедник во егзил во САД, Фетулах Ѓулен, кој е поранешен сојузник на Ердоган, кого Анкара го обвинува за обид за преврат.

- Над 110.000 државни службеници, вклучително и учители, полицајци, научници, гувернери и адвокати, заедно со 4.000 судии и обвинители беа отпуштени.

- Над 1.500 лица, вклучително војници и новинари беа осудени на доживотен затвор.

- Според Репортери без граници ,162 новинари се наоѓаат во затвор, а десетици медиуми беа затворени. Според Комитетот за заштита на новинарите, во затвор се наоѓаат 73 новинари.

-Според Заедничката платформа за човекови права од Анкара, која се повикува на податоци од март, повеќе од 5.705 научници од 119 универзитети биле отпуштени.

-Заедничката платформа за човекови права забележува дека 985 стопански субјекти, вклучително и болници, универзитети и невладини организации, биле или затворени или казнети, а 174 медиуми биле затворени.

- Уставниот суд беше лишен од основната контролна функција и немаше овластувања да се меша во указите во рамките на вонредната состојба.

-Гувернерите на 81 округ добија зголемени овластувања за донесување одлуки, вклучувајќи и мобилизирање на локалните безбедносни сили.

- Владата можеше да забрани печатење и дистрибуција на весници, списанија, брошури, книги и плакати.

- Владата може да ја ограничи или да наметне забрана за аудио или видео дистрибуција, вклучително и за телевизија, радио или филмови.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2018 00:37