Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за „Си-Би-Ес вечерни вести“ изјави дека е точно дека Русија се мешала во американските претседателски избори во 2016 година и потврдно одговори на прашањето дали смета дека рускиот претседател Владимир Путин е лично одговорен за тоа.
Водителот Џеф Глор прво го потсети Трамп дека шефот на Белата куќа претходно изјави оти се согласува со оценката на разузнавачките служби на САД дека Русија се мешала во изборите во 2016 година.
- Па да и тоа веќе го кажав, Џеф. Го кажав тоа многу пати и би рекол дека тоа е точно, па да, рече Трамп.
Водителот инсистираше дека Трамп не го осудил лично Путин за тоа и праша „дали го смета (Путин) лично одговорен“.
- Па, јас би го сметал, затоа што тој е на чело на земјата. Како што себеси се сметам одговорен за работи кои се случуваат во нашата земја. Така што како лидер на земја секако би го сметал за одговорен, да, рече американскиот претседател.
Глор потоа праша што му порачал Трамп на Путин по тоа прашање за време на нивниот состанок во Хелсинки.
- Многу силно за фактот дека не можеме да имаме мешање, не можеме да имаме било што такво – но имај го и ова предвид. Ние исто така живееме во свет на возрасни...Јас му порачав дека не може така, дека такво нешто нема да има повеќе и така ќе мора да биде, рече Трамп.