Израелскиот Парламент изгласа Закон со кој државата ја прогласи за национален дом на еврејскиот народ. Се работи за главно симболична декларација, која сепак предизвика жестоки расправии и реакции од левичарската опозиција и пратениците од арапската заедница.

Законот беше изгласан со 62 гласа „за“ и 55 „против“. Со него, Израел се означува како демократска држава заснована врз еврејските вредности и е израз на правото на Евреите за национално самоопределување, со Ерусалим како главен град, со еврејскиот календар како официјален календар и со празнување на традиционалните еврејски празници. За арапскиот јазик, досегашната формулација дека е во службена употреба е избришана и заменета со изразот „специјална употреба“, но се наведува и дека нема да биде намалено досегашното ниво на користење на арапскиот јазик.

- Со овој закон се утврдуваат основните принципи на нашето постоење. Израел е национална држава на еврејскиот народ, која ги почитува индивидуалните права на сите свои граѓани. Тоа е нашата држава, нашата нација, јазик и знаме, изјави премиерот Бенџамин Нетанјаху.

Претседателот Реувен Ривлин го критикуваше донесувањето на Законот, предупредувајќи дека тој може да доведе до дискриминација врз не-еврејските жители на земјата, а најсилните критики дојдоа од арапските пратеници во Парламентот.

- Јас сум вџашен од убивањето на нашата демократија. Ова е нејзиниот погреб, изјави пратеникот Ахмад Тиби, додека пратеникот Џамал Захалка театрално го скина текстот на предлог-законот на собраниската говорница.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2018 10:26