Холандскиот министер за надворешни работи, Стеф Блок се извини за своите изјави за миграцијата и ситуацијата во повеќе земји.
- Избрав погрешни зборови и се извинувам поради тоа. Не требаше да ги користам тие термини, изјави синоќа Блок за холандската национална радиотелевизија.
Во голем број медиуми се појави видео снимка од затворна средба на министерот со Холанѓани кои работат во меѓународни организации во странство, одржана во Хаг на 10 јули. Пред нив, Блок вели дека разноликоста е плодно тло за конфликт.
- Дајте ми пример за мултиетничко, мултикултурно општество, каде што домицилното население се уште живее. . . каде што живеат во мирна, општествена заедница. Не знам ниту едно такво, рекол Блок на состанокот.
Во видеото министерот изразува мислење дека ЕУ не треба да настојува земјите од Источна Европа да примаат бегалци, затоа што луѓето таму немаат шанси за нормален живот и можат да бидат подложени на насилство.
- Не може да се каже дека тоа е правило, но редица земји навистина не сакаат да работат по прашањето за преместување на бегалците, рекол тој.
Како пример за таква меѓуетничка затегнатост Блок во својот говор го посочува Суринам – поранешната холандска колонија во јужна Америка, и го нарекува „неуспешна држава“ поради неговиот разновиден етничски состав.
Во синоќешната изјава тој истакна дека не требало да ги употреби тие зборови.
- Политичските партии таму навистина се формирани според етничка припадност, но терминот „неуспешна држава“ е премногу остар во овој случај, изјави тој.
Неговиоте зборови веднаш предизвикаа реакција меѓу политичарите во Суринам. Локалниот пратеник Андре Мисиекаба, кој е потомок на избегани робови, го обвини шефот на холандската дипломатија дека не знае ништо за Суринам.