Компанијата „Блу оринџ“ на Џеф Безос изврши пробен лет на ракета која носеше вселенска капсула, наменета за превоз на туристи.

Ракетата „Нов пастир“ денеска полета од западен Тексас, а откако капсулата се одвои од ракетата, достигна висина од 119 километри.

Патник денеска беше куклата „Манекин Скајвокер“ наречена по познатиот лик од „Војна на ѕвездите“, Анакин Скајвокер.

Летот траеше 11 минути и капсулата безбедно слета на Земјата. Тоа е деветти пробен лет на ракетата на „Блу оринџ“.

Компанијата дополнително ќе најави кога ќе почнат летовите во вселената и колку ќе чинат.

Безос е конкурент на Ричард Бренсон, сопственик на „Вирџин галактик“, компанија, која според најавите, во текот на годината треба да ги испрати првите туристи во Вселената. За летовите на Бренсон се пријавија околу 500 луѓе, а картата чини приближно 250.000 долари.

Богатството на Безос, кој е сопственик и на „Амазон“, се проценува на 150 милијарди долари.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2018 11:04