На посебна свеченост одржана во Палата на бригадите во Тирана, албанскиот претседател Илир Мета ја одликува хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ со орден „национално знаме“.
Одликувањето и се доделува за „посебен придонес во интениззвирањето на односите меѓу Република Албанија и Република Хрватска, за зацврстување на повеќевековното пријателство меѓу албанскиот и хрватскиот народ, како и за безусловната поддршка во процесот на интеграцијата на Албанија во ЕУ“.
Во обраќањето Мета меѓу другото рече дека денеска и тој и сите Албанци каде и да се се чувствуваат почестени од нејзината посета на Албанија и имаат можност да ја изразат нивната благодарност за Хрватска и за претседателката лично.
- Сакам високо да ја оценам улогата и поддршката на претседателката Грабар-Китаровиќ за Албанија и Албанците, како во рамки на регионалните случувања, така и во евоинтеграциите. Албанците и Хрватите со векови негуваат силни пријателски врски и соработка а Албанците денес имаат и свој пратеник во хрватскиот Парламент. Односите меѓу двете земји се одлични, а посетата на претседателката на нашата земја е најдобрата потврда за тоа, истакна Мета.
Нагласувајќи ја заедничката определба за унапредување на односите и соработката во сите области тој најави дека набрзо ќе бидат подигнати на ниво на стартешко партнерство, што е во интерес и на целиот регион.
По добивањето на ова највисоко признание на албанската држава, претседателката на Хрватска му се заблагодари на претседателот Мета, нагласувајќи дека ова е чест не само за неа, туку за хрватскиот народ. Таа додаде дека тоа е симбол на длабоко пријателство меѓу двете земји, посебно меѓу Албанците и Хрватите, за што се заблагодарува и на Мета и на Албанија.
Грабар-Китаровиќ денеска ќе добие уште едно признание во Албанија. Во градот Берат ќе и биде врачено признанието „почесен граѓанин“.
Претходно таа ќе се обрати пред пратениците во албанскиот Парламент а ќе оствари и неколку средби со претставници на власта и опозицијата, како и со градоначалникот на Тирана.