Турската Парламентарна комисија разгледува предлог закон за борба против тероризмот, откако на полноќ, по две години е укината вонредната состојба што беше воведена по обидот за државен удар во 2016 година.
Вонредната состојба е укината во согласност со предизборното ветување на претседателот Реџеп Тајип Ердоган дека нема повеќе да ја продолжува истата.
Предлог законот треба да им дозволи на властите да продолжат масовните откази за државните службеници и да може дел од осомничените и до 12 денови да останат во притвор.
Вонредната состојба беше воведена на 20 јули 2016 година по неуспешниот државен удар, за кој се обвинети припадниците на мрежата на исламскиот свештеник Фетучах Ѓулен, кој живее во САД. Во судирите загинаа 250 луѓе, а речиси 2.600 беа повредени.
Турската Влада седум пати по три месеци ја продолжуваше вонредната состојба, а последната беше во април.
Ердоган ја искористи вонредната состојба за да владее со декрети и издаде над 30 укази.
По неуспешниот државен удар уапсени се над 77.000 лица поради наводни врски Ѓулен, а над 110.000 државни службеници, вклучително и учители, полицајци, научници, гувернери и адвокати, заедно со 4.000 судии и обвинители добија отказ. Исто така, отказ добија и повеќе од 5.705 научници од 119 универзитети,
За време на вонредбата состојба повеќе од 1.500 луѓе, вклучително војници и новинари беа осудени на доживотен затвор.
Според Репортери без граници, 162 новинари се наоѓаат во затвор, а десетици медиуми беа затворени. Според Комитетот за заштита на новинарите, во затвор се наоѓаат 73 новинари.
Во изминатите две години 985 стопански субјекти, вклучително и болници, универзитети и невладини организации, биле или затворени или казнети, а 174 медиуми биле затворени.
За време на вонредната состојба турскиот Уставен суд беше лишен од основната контролна функција и немаше овластувања да се меша во указите на Ердоган, а Владата можеше да забрани печатење и дистрибуција на весници, списанија, брошури, книги и плакати, како и да ограничи или да забрани дистрибуција на аудио или видео материјали, вклучително и за телевизија, радио или филмови.