Европската комисија испрати формално известување до унгарските власти - што е првиот чекор од прекршочните процедури на Брисел против земјите членки - поради загриженост за законот, кој ги криминализира оние кои им помагаа на мигрантите, јави дописничката на МИА од Брисел.
Унгарски закон наречен „Стоп Сорос“ освен што предвидува до една година затворска казна за активистите и организациите кои повеќе од еднаш им помогнале на „нелегалните“ мигранти да поднесат барање за азил.
ЕК забележува дека со овој Закон се ограничува слободата на движење на граѓаните, бидејќи секој кој е под кривична истрага има забрана да се приближи до граничните предели на земјата, таму каде што се задржани барателите на азил. Брисел смета и дека Законот ги ограничува индивидуалните слободи на граѓаните.
„Стоп Сорос“ исто така го ограничува правото на барање азил на самите мигранти. Па така, на лице кое не побарало азил во земја низ која минало пред да стигне во Унгарија целосно му се одзема правото на азил. Европската комисија смета дека Законот е во спротивност со правото на ЕУ.
Поради сето ова, ЕК оцени дека Унгарија не ги почитува повелбите на ЕУ како и Повелбата на фундаменталните права на ЕУ. Унгарија има сега неколку дена да одговори на формалното известување на ЕК и да ги образложи своите аргументи во одбрана на спорниот закон. Доколку Будимпешта успее да ја убеди Комисијата, прекршочната процедура ќе биде прекината, во спротивно Брисел ќе оди пред Европскиот Суд за правда.
Ова не е прва прекршочна процедура на Брисел против Унгарија во областа на миграцијата. Првата беше покрената во 2015 година и се однесува на унгарското законодавство за азил и враќање, кое ЕУ смета дека не е во согласност со европското право.
- По две и пол години размени помеѓу Будимпешта и Брисел, ЕК денеска дојде до заклучок дека унгарските одговори се незадоволителни и формално ќе ја тужи Унгарија пред Европскиот суд за Правда, најави денеска портпаролката на ЕК, Наташа Берто.
Унгарската влада од своја страна смета дека Брисел е „под влијание на мрежите на Сорос“ и дека Унгарија ја „брани Европа од Брисел“.