Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, учествува на меѓународната конференција за отворено владино партнерство, што се одржува во Тбилиси, Грузија.
Тој говорејќи на панел сесијата на тема „Од ангажман до ко-креирање. Обновување на довербата за подобри реформи за отворени влади“ се осврна на мерките и активностите што Владата и МИОА, ги презеде изминатата година со цел транспарентност и отчетност во работењето на институциите.
- Донесовме одлука со која ги задолживме сите државни институции да објавуваат листа на 21 документ од јавен интерес. Договорите склучени преку јавни набавки повеќе не се тајност во Македонија, туку се јавно објавени и достапни до сите граѓани. Голем исчекор во отчетноста за тоа како се трошат парите на граѓаните постигнавме со објавување информации за службените трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари, рече министерот Манчевски.
Тој додаде дека листата ја прошириле со уште над 50-тина институции и нивни директори и раководители.
- Тоа што ние го ветивме и што го спроведуваме во пракса е јавни расправи и консултации за сите јавни политики кои ги носиме. Потврда за тоа е и зголемување на рокот за коментирање на ЕНЕР од 10 на 20 дена. На овој начин сите заинтересирани имаат двојно поголема можност да бидат вклучени во целиот процес на креирање на закони, истакна министерот за информатичко општество и јавна администрација.
Во контекст на унапредување на политиките за објавување на отворени податоци од државните институции, заради подобрување на транспарентноста и отчетноста на институциите, но воедно и искористување на економскиот потенцијал од објавувањето на отворени податоци, министерот Манчевски зборуваше за Стратегија и Акциски план за отворени податоци.
Одговарајќи на прашањето кои се планирани активности за Македонија да биде лидер во регионот за отвореност и транспарентност, министерот Манчевски се осврна на податоците од последното истражување Action SEE.
- Многу ме радува што можам да кажам дека Македонија веќе е лидер во регионот во транспарентност и отчетност. Ова го покажа последното истражување ActionSEE, според кое Владата на Македонија е на првото место во споредба со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. На истото ова истражување, минатата година Македонија беше на последното 6-то место. Ова е извонредно и исклучително признание и успех за сите нас кои партнерски работевме со граѓанските организации и граѓаните, рече министерот Манчевски.
Според него, со ова Влада ги поставува стандардите на владеење, и стандардите на политичко однесување и гради нова политичка култура во Република Македонија, што ќе биде обврска за секоја следна владејачка гарнитура.