Европските новинари денеска упорно бараа одговор од портпаролката на Европската Комисија, Маја Коцијанчиќ, дали ЕУ го осудува новиот контроверзен израелски закон, наречен закон за нација-држава, јави дописничката на МИА од Брисел.

Законот, меѓу другото, го признава Ерусалим како „целосна и обединета“ престолнина на Израел, прашање кое е предмет на меѓународните преговори помеѓу Израел и Палестина и за кое меѓународната заедница смета дека не може да биде решено пред да се постигне договор помеѓу двете страни. Поради тоа мнозинството земји членки се спротиставија и на одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел.

Со новиот закон, изгласан ноќеска, Израел исто така му го одзема на арапскиот јазик својот официјален статус, и му доделува само „специјален статус“, додека пак го дефинира Израел како „дом на еврејскиот народ“. Законот исто така им доделува на еврејските заедници „национална вредност“ и бара државата да ги поддржува и охрабрува, предизвикувајќи дополнителна загриженост за нелегалната израелска окупација врз палестинските територии. Понатаму текстот предвидува дека еврејскиот народ има „ексклузивно право на самоопределување“.

Законот, исто така, никаде не споменува еднаквост или права за малцинствата.

Изгласан со 62 гласа спрема 55, овој текст добива важност на „основен закон“, што во Израел има вредност на Устав.

Арапските пратеници во израелскиот парламент законот го нарекоа смрт на „таканаречената израелска демократија“.

Европските дописници денеска на редовниот брифинг на Европската Комисија бараа Брисел јасно да се изјасни, но добија само дипломатски одговори.

-Демократијата и еднаквоста, вклучително и правата на малцинствата се клучни вредности кои ги дефинираат нашите општества и мора да продолжат да бидат основа на нашето партнерство и да бидат почитувани, рече Коцијанчич, но одби да одговори дали ЕУ ќе го суспендира Договорот ЕУ-Израел врз основа на членот 2 кој вели дека “односите помеѓу двете страни ќе се заснова на почитување на човековите права и демократијата.

Запрашана повеќе пати дали ЕУ го осудува овој закон и дали ЕУ ќе објави реакција, како што тоа често го прави и за други прашања, портпаролката изјави дека ЕУ „продолжува да дискутира со нејзините израелски партнери за овој закон“ и дека ги користи сите достапни средства, не само јавни изјави“.

Коцијанчич сепак призна дека овој закон би можел да го искомплицира патот кон решението со две држави, но дека загриженоста им била пренесена на израелските власти.

Причините за неспособноста на на Европската Комисија како и на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика да излезат со јасна осуда за последните случувања во Израел, освен на историската чувствителност на ова прашање, се должи и на спротиставените позиции на самите земји членки на ЕУ кога станува збор за Израел. Па така, преселбата на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим не беше осудена од страна на Унгарија или Чешка, кои испратија свои претставници на церемонијата.

Виктор Орбан, водечка фигура на “илибералните“ демократии, како што сам ги нарекува, токму деновиве престојува во Израел, на покана на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Целта на Нетанјаху, меѓу другото, е да ги убеди четирите земји од Вишеградската група (Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) својот следен самит да го организираат во Израел.

Освен идеолошката блискост на двата премиери - на пример преку борбата против Џорџ Сорос, против либералните вредности како и нападите врз невладините организации - Нетанјаху и Орбан ја делат агендата на внатрешна поделба на ЕУ. За израелскиот премиер, забележуваат деновиве европските медиуми, е важно да создаде сојузи со земји членки на ЕУ кои ќе му овозможат да спречи секакви заеднички европски осуди за израелската колонизација или воените напади врз појасот Газа



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2018 16:04