Словенечкиот претседател Борут Пахор најави дека в понеделник официјално ќе го информира Парламентот дека засега нема никого да предложи за мандатар за состав на новата влада на Словенија, но и дека ќе иницира нова рунда консултации за формирање парламентарно мнозинство.

Кабинетот на Пахор соопшти дека двајцата потенцијални кандидати за мандатар Јанез Јанша и Марјан Шарец го информирале оти го немаат потребното мнозинство во Парламентот за да формираат Влада, па затоа шефот на државата ќе иницира уште еден круг консултации со парламентарните партии.

- Пахор и официјално ќе го информира Парламентот дека за сега нема никого да предложи за мандатар и дека е потребен нов круг консултации околу можното решение и утврдувањето на потенцијалниот кандидат, се наведува во соопштението на Кабинетот на словенечкиот претседател.

Лидерот на конзервативната Словенечка демократска партија (СДС), Јанез Јанша, која победи на изборите оддржани на 3 јуни, вчера го информираше Пахор дека нема доволно мнозинство за да формира Влада.

СДС освои 25 места во 90-члениот словенечки Парламент, но не успеа да договори формирање коалициска Влада со останатите парламентарни партии. Преговорите на Јанша со потенцијалните партнери дефинитивно пропаднаа во понеделникот, откако помалата конзервативна партија Нова Словенија се повлече од разговорите.

Втората по бројнот политичка сила во словенечкиот Парламент, Листата на Марјан Шарец (ЛМШ) изминативе недели паралелно преговараше со пет други центристички и левоцентристички партии за формирање нова влада, но ни таа не успеа да постигне коалициски договор за парламентарно мнозинство.

Согласно процедурата Пахор ќе треба официјално да го извести Парламентот дека нема никого да именува за мандатар, по што пратениците треба да констатираат дека нема можност за обезбедување парламентарно мнозинство, со што почнува да тече рок од 14 дена во кој треба да се најде кандидат за премиер. Доколку во овој предвиден рок не биде избран мандатар за состав на нова влада, тогаш на есен Словенија ќе ја очекуваат предвремени парламентарни избори.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2018 10:24