Македонија и официјално, со допис до ЦЕФТА, ЕУ и Владата на Косово, побара повлекување на времената одлука за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. Ако Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Според МЗШВ, владите на Македонија и Косово преговараат за изнаоѓање решение за зголемените царини. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши следната недела ќе имаат средба со косовските ресорни министри, а министерот за надворешни работи Никола Димитров кој денеска ќе се сретне со државниот врв на Косово, меѓудругото, ќе се разговара и за одлуката за зголемување на царините.
- Владите на Македонија и на Косово од вчера се во постојана комуникација за изнаоѓање на соодветно решение. Во насока на решавање на проблемот, министерот Николовски е во постојана комуникација и со ресорните министри од регионот. Тие следната недела на заедничка средба ќе разговараат за изнаоѓање модел за надминување на проблемот, информираат од МЗШВ.
Времената мерка официјално стапи во сила на 18 јули и со неа се зголемуваат за 30 отсто царините за увезеното овошје и зеленчук. Мерката ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат во Косово. Според МЗШВ, најпогоден од оваа одлука ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите. Во одлуката го нема грозјето и други стратешки производи.
Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари - јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари.Увоз на земјоделски производи од Косово нема.