Хрватската стопанска комора (ХГК) соопшти дека големите спортски натпревари, особено европските и светските фудбалски првенства, доведоа до раст на економијата во земјата од околу 10 проценти.
- На денот на пречекот на фудбалерите, третиот понеделник во јули, рестораните и кафулињата во Загреб заработиле 54,5 милиони куни (еден милиони евра), што е за два процента повеќе од третиот понеделник во јули минатата година, соопшти ХГК, врз основа на информациите што им се достапни од фискалниот систем.
Од друга страна, пак, голем број Загрепчани и нивни гости три дена со часови ги минуваа низ улиците на Загреб, а не во кафулиња и ресторани. Ова се должи на фактот што голем број продавници тој ден работеа со скратено работно време или воопшто не работеа, така што прометот во трговијата на мало изнесуваше речиси 300 милиони куни (5,7 милиони евра) и беше за четири отсто помал во однос на претходната година.
Претходно, Хрватската стопанска комора соопшти дека од сите натпревари, рекорд во потрошувачка донесе полуфиналето со Англија, на 11 јули. Тој ден во продавниците се потрошени 312,5 милиони куни (5,9 милиони евра), што е 3,12 отсто повеќе во однос на истиот ден минатата година.
Кафулињата и рестораните тој ден имале промет од 28,7 милиони куни (540.000 евра), што е за 17 отсто повеќе од минатата година. На денот кога се одигра финалниот натпревар прометот порасна за 13 отсто.
На 15 јули, кога се одигра финалето и на 16 јули, на денот на пречекот на фудбалерите, бројот на туристи се зголеми за 27 отсто, а бројот на ноќевања за 25 отсто во споредба со истиот ден минатата година, соопшти Туристичката заедница на Загреб.
- Во Загреб немаше само туристи во голем број, туку и медиуми од 20 европски земји, но исто така и од светот, па можеме да кажеме дека целиот свет беше во Загреб и Загреб беше насекаде низ светот, изјави Мартина Биненфелд, директор на Туристичката заедница во Загреб.