Министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ денеска беше во работна посета на „Прилепската пиварница“. Ова е дел од агендата на министерот за посета на македонските компании за да се информира за нивното работење, евентуалните тешкотии и перспективите на компаниите, соопштуваат од кабинетот на министерот Шапуриќ.

Првиот човек на компанијата, Сашо Самарџиоски информирал за новите зафати на оваа прилепска фирма како и потребата да се допрецизираат одредени одредби во Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

-„Прилепската пиварница“ ќе инвестира во изградба на прочистителна станица која ќе придонесе во подобрувањето на еколошкиот баланс во локалната средина со што компанијата ја потврдува својата општествена одговорност. Освен тоа потребно е допрецизирање на одредени услови во Законот за финансиска поддршка на инвестициите за подетално и појасно опишување на одредени услови кои предизвикале неодговорени прашања кај апликантите, истакнал Самарџиоски на средбата.

Според Шапуриќ, од развојот на македонските компании, зависи идниот економски развој на земјава и владата има силна желба да ги поддржи.

- Само со развој на македонските компании, може да има раст на вработеноста, намалување на трговскиот дефицит и поголема европска перспектива за земјава. Владата има силна желба да ги подржи македонските компании, да биде нивен ветар во грбот и поддржувач во рамки на своите можности, истакнал Шапуриќ на средбата со менаџментот на „Прилепската пиварница“.

Министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ покажа отвореност, максимална посветеност и желба за тесна соработка со домашните претпријатија, стои во соопштението од кабинетот на министерот Шапуриќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2018 12:39