Министерот за економија Крешник Бектеши упати писмо до Секретаријатот на ЦЕФТА и до министерот за трговија и индустрија на Република Косово Бајрам Хасани во кое бара укинување на одлуката за зголемување на царините за 30 отсто за увоз на одредени видови овошје, зеленчук и пченка.
Бектеши во писмото наведува дека мерката не е во согласност со ЦЕФТА Договорот и е во спротивност со Заедничката декларација која се однесува нa примена на правилата и постапките на СТО. Воедно бара итен состанок на сите земји потписнички на ЦЕФТА Договорот и очекува повлекување на одлуката од косовска страна, а доколку тоа не се случи во најкус временски рок, една од опциите, како што нагласува, е воведување контра-мерки со цел заштита на домашното производство.
- Следејќи ја процедурата за евентуална примена на заштитна мерка, неопходно е навреме да се поднесе нотификација до ЦЕФТА засегнатите страни и да се почнат директни консултации со страните потписнички на ЦЕФТА Договорот пред воведување на заштитната мерка, стои во дописот на Бектеши, земајќи го предвид членот 24.7 од ЦЕФТА Договорот, кој дозволува воведување на привремена заштитна мерка, но само ако се даде верификација за посебните околности што се појавија со цел да се воведат.
Согласно процедурата на која Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање, укажа и на денот на стапување во сила на оваа одлука од страна на Косово, косовската страна требаше да спроведе итни консултации со страните на ЦЕФТА кои не се реализирани.
- Фактот дека мерката се однесува на вкупно 21 производ кои не се точно дефинирани според тарифни ознаки од Хармонизираниот систем на комбинираната номенклатура, за некои од наведните производи во Одлуката сезоната е помината, а кај некои ср уште не е почната сезоната, укажува дека мерката е паушално донесена без да биде придружена со аргументи за зголемен увоз и евентуална штета од неа, дополнува Бектеши
Според официјалните податоци, извозот на производи од Македонија во Косово за првите шест месеци од 2018-та е на приближно исто ниво како претходната година.
- Донесувањето ваква Одлука е во спротивност на трите приоритети во Програмата на за претседавање со ЦЕФТА во текот на оваа година, за која сите ЦЕФТА страни целосно ја поддржаа со цел заеднички да работиме на олеснување на трговијата со стоки, усогласување на пазарите на ЦЕФТА со ЕУ и создавање регион без нетарифни бариери и мерки што ја попречуваат трговијата, се наведува во дописот на Бектеши до неговиот косовски колега и до Секретаријатот на ЦЕФТА.