Главниот преговарач на ЕУ за Брегзит Мишел Барние го предупреди денеска Лондон дека располага со 13 седмици за постигнување договор.
Според него, 80 отсто од текстовите дискутирани во нацрт-договорот се одобрени од страна на ЕУ и Велика Британија. Тој истакна дека на денешниот состанок на Советот на ЕУ, било повторно потврдено единството на земјите-членки на Унијата, јави БТА. Европската комисија претстави процена за неопходните активности во случај да не се постигне договор.
- Дебатата во Велика Британија не е завршена, како што може да се види, рече Барние. Ние сме отворени за какви било предлози кои ќе можат вистински да бидат имплементирани. Ние мора да бидеме подготвени за секаков развој на ситуацијата, предупреди тој.
Барние истакна дека најконтроверзно прашање останува решението за пограничниот режим меѓу Ирска и Северна Ирска.
Предвидено е во октомври Европскиот совет да го оцени текот на разговорите и ако тие се успешни, да дозволи продолжување на разговорите за идните односи на Велика Британија со ЕУ, како и воведување на преоден рок пред суштинската разделба.
На барање на Лондон и со консензус, државите од ЕУ можат да го продолжат рокот за преговори, кој истекува наесен.