Македонија со приклучувањето во НАТО, покрај безбедносни гаранции, ќе има и голем економски бенефит. Тоа го покажа искуството на Црна Гора по влезот во Алијансата, порача црногорскиот министер за внатрешни работи Мевљудин Нухоџиќ по денешната средба во Охрид со неговиот македонски колега Оливер Спасовски.
- Интегрирањето на земјите од Балканот во НАТО е прилог кон безбеден Балкан, кон регионална безбедност која е важна исто колку и интерната безбедност на секоја од земјите поединечно. Ние како 29. членка на Алијансата денес имаме повеќе инвестиции отколку претходно, што укажува на фактот дека безбедноста е и заначаен економски ресурс, рече Нухоџиќ нагласувајќи дека покрај инвестициите пораст бележи и бројот странски туристи што ја посетуваат Црна Гора.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора уште оцени дека патот на Македонија кон членство во НАТО е избор кон подобра иднина, развој, напредок и поголема безбедност.
- Верувам дека вашето државно раководство ќе успее да ги отвори сите порти на тој пат, кои се тешки одлуки во политичка смисла и тој пат ќе го изодат заедно со граѓаните кои знаат да го одвојат доброто од лошото, што е мошне важно, вистината од лагата и дневно-политичкото од историското. Ние политичарите имаме задача да им помогнеме на граѓаните да го направат вистинскиот избор, истакна Нухоџиќ.
Министерот Спасовски рече дека за Македонија е исклучително важно да ги искористи позитивните искуства на Црна Гора во периодот на пристапните преговори со НАТО и отварањето на преговорите за членство во ЕУ.
- Посебно разговаравме за поглавјето 24 - Правда, слобода и безбедност, прашање што прво ќе се отвори на агендата од пристапните преговори со ЕУ и тука од особена важност за нас е понудата на црногорската страна да помогнат заеднички да ги совладаме сите чекори во процесот, изјави Спасовски.
Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, која во рамки на европските интеграции има отворено 31 и привремено затворено три поглавја од преговорите за членство во ЕУ, ја истакна подготвеноста на властите во Подгорица преку споделување на своите искуства да и помогне на Македонија на нејзиниот евроинтеграциски пат.
Двајцата министри констатираа дека пријателските односи и воспоставените релации меѓу Македонија и Црна Гора треба да се искористат во насока на подобрување на меѓусебната соработка во сите области од заеднички интерес, особено во справувањето со безбедносните предизвици со кои се соочуваат како двете земји, регионот, па и против глобалните закани.
Како клучни предизвици ги посочија борбата против организираниот криминал, миграцијата, трговијата со луѓе. Притоа беше појаснето дека на средбата биле презентирани сите активности што министерствата на двете земји ги спроведуваат во делот на реформите на безбедносните служби, јакнење на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот, за борба против корупцијата, против сите форми криминал...
Црногорскиот министер за внатрешни работи Нухоџиќ од своја страна рече дека досегашната соработка и односите само го потврдуваат пријателскиот однос меѓу двете држави.
- Тој пријателски однос дава можности за унапредување на меѓусебната соработка...Со безбедносните закани можеме ефикасно да се справиме само преку квалитетна соработка на секојдневно ниво, како билатерално така и регионално, па и пошироко на глобално ниво. Верувам дека и овој денешен состанок ќе даде дополнителен импулс во таа насока, рече Нухоџиќ.
Министрите за внатрешни работи на Македонија и на Црна Гора во рамки на работната средба во Охрид потпишаа Меморандум за соработка на националните комисии и тела за борба против илегалната миграција и трговија со луѓе.