Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денска дека на Србија не и се потребни браќа туку пријатели, коментирајќи ја изјавата на хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ дека Хравтска и Албанија се браќа по оружје.
– И честитам на изјавата. Нам не ни се потребни браќа туку пријатели. Нека се побратимат. Ние ќе гледаме да напредуваме економски, изјави Вучиќ. Тој додаде дека што се однесува до оружјето, некои мора да живеат во минатото.
– Колкумина загубиле живот за Хрватска не ме интересира мене ниту Србија. Ако некој мисли дека треба тоа посебно да ме плаши, не ме плаши ниту најмалку. Работиме да имаме што повеќе паметни деца кои ќе гледаат во иднината, изјави Вучиќ.
Грабар Китаровиќ вчера за време на посетата на Тирана обраќајќи се во Парламентот освен поддршка за Албанија на патот кон ЕУ порача дека Хрватите и Албанците се „браќа по оружје“ и потсети на бројни Албанци кои се бореле во војната во Хрватска.
– Бевме буквално браќа по оружје пред да влеземе заедно во 2009 година во НАТО. Многумина Албанци ги жртвуваа своите животи за Хрватска, и верувајте, Хрватска тоа нема да го заборави, изјави таа.
Претставник на здружението на хрватските доброволци реагираше на изјавата на хрватската претседателка и рече дека ниту еден Албанец од Албанија не војувал во Хрватска.
- Вистината е сосема друга. Вкупно 2.373 учествуваа во војната во Хрватска. Албанци од Албанија во Хрватска во тоа време не видовме.Учествуваа Албанци од Косово кои живееа тука. По повикот на Туѓман, ни се придружија и голем број Косовци кои служеа во тогашната ЈНА, изјави Косовецот Том Качинари,претставник на здружението.
Посочува дека била формирана посебна албанска бригада,но само со припадници на косовски Албанци, споменувајќи и имиња на дел од загинатите во војната.