Шведска ја зафатија силни шумски пожари, дури и во арктичкиот поларен круг, поради што владата во Стокхолм одлучи да побара помош од други европски држави.
Премиерот Стефан Левен изјави дека неговата влада работи „од минута во минута“ за да обезбеди неопходни ресурси за стотина пожарникари и други кои се ангажирани во гаснењето на околу 50 шумски пожари.
Огнот воглавно ги зафати шумите во централниот и западниот дел на земјата, но и далеку на северот.
Шведска веќе доби помош, во вид на авиони „канадери“, хеликоптери, како и луѓе од Италија и Норвешка.
Данска, Германија, Франција и Литванија, исто така, ветија дека ќе помогнат. Температурите во Шведска и соседна Финска оваа недела надминаа 32 степени Целзиусови.