Европската Комисија бара итни појаснувања од косовската влада за воведувањето царини врз овошјето и зеленчукот, јави дописничката на МИА од Брисел. Испратено е писмо до косовските власти во кое се предупредува за негативните ефекти на таа одлука.
-Европската Комисија побара итни појаснувања од властите во Косово по одлуката на владата донесена на 17 јули, која има негативни ефекти врз регионалната трговија. Комисијата очекува обврските од Договорот за стабилизација и асоцијација ЕУ-Косово да се исполнуваат и ја истакнува важноста на регионалната соработка, стои во реакцијата на Европската Комисија испратена до МИА.
Косовската влада одлучи да воведе ресктриктивни мерки врз низа земјоделски производи на 17 јули, создавајќи хаос на царинските премини и голема загриженост кај македонските земјоделци.
Европската Комисија во наредните денови ќе ги разгледува образложенијата на косовската влада за оваа мерка и ќе одлучи дали е оправдана. Од ЕК за МИА велат дека ваквите мерки се чести во регионот, и потсетуваат дека и Македонија во минатото воведувала заштитини трговски мерки.
- Она што е важно сега е да се види дали Косово претходно ја известила Комисијата, како што предвидуваат процедурите од Договорот за стабилизација и асоцијација и дали овие мерки се оправдани или не, велат за МИА од ЕК.