Никогаш нема да ги заборавиме тие што имаа непринципиелен став и што ги прифатија пучистите кои побегнаа од нашата земја, предупреди турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган преде група од илјадници поддржувачи собрани кај мостот над Босфорот во неделата, каде се одбележуваше втората годишнина од спречениот државен удар во јули 2016 година.
Атмосферата беше со набиени емоции. Посведочив од прва рака, блиску до бината, каков е изразот на лицето на Ердоган и какви се реакциите на насобраните.
Настанот беше емотивен, од причини кои се разбирливи и човечни, поради жртвите, но и поради тоа што претседателот на Турција го претвори овој настан во прослава на „Новата Турска Република“.
- Пучот ни покажа кои се нашите пријатели во тоа тешко време. Имаме добро помнење. Можеби не зборуваме многу често за тоа низ што поминавме, но никогаш нема да заборавиме. Ја видовме дволичноста, рече тој.
- Знаеме кој се молеше за нас таа ноќ, а кој се молеше за успех на Ѓуленистичкото движење, рече тој, зборувајќи за Фетула Ѓулен, исламскиот проповедник во егзил кого Анкара го обвинува дека стоел зад државниот удар. - На крајот, ќе го помниме молкот од тие за кои мислевме дека ни се пријатели. Тие што ја напуштија нашата земја никогаш нема да бидат избришани од нашето сеќавање, додаде Ердоган.
Одредени земји - големи и мали - не сакаат Ердоган да е на власт и навистина сакаа да го видат соборен таа вечер. Го знаеме тоа, и што е уште поважно, тој го знае тоа. Дали тие земји се во право што сакаат тој да не биде на власт е нивна работа, и е субјективно прашање; тие си имаат свои причини и аргументи. Но, тоа не се однесува на Грција.
Зошто Грција толку би сакала Ердоган да не е на власт, за да го поддржи пучот против него? Дали треба да мислиме дека кемалистичките противници на Ердоган или Добрата партија на Мерал Аксенер, т.н. „волчица“, ќе бидат попријателски настроени кон нашата земја? Нели тие беа тие кои го обвинуваа Ердоган дека и ги отстапил егејските острови на Грција и кои го повикуваа да ги врати островите по воен пат?
Не, Грција не го поддржа пучот и не ги „прифати“ турските офицери кои побегнаа. Всушност, и нашата власт и опозицијата беа или лути или згрозени од пристигнувањето на „осуммината“.
- Јасно порачувам. Знаеме кој каков став имаше и што направи. И знаеме кој со кого соработува, порача турскиот лидер во неделата.
Ако навистина го знае тоа, тогаш знае кој беше ставот на Грција. А ако во првите денови по обидот за пуч Алексис Ципрас навистина го уверувал дека пучистите ќе бидат вратени, тоа било грешка, бидејќи ниту еден премиер, ниту една демократска членка на Европската унија, не смее да ги прекрши европските принципи и меѓународното право и да измени судска одлуки, дури и кога навистина би го сакала тоа - а особено не во овој случај, кој го привлече вниманието на целата меѓународна јавност.
Факт е дека Ердоган има многу вистински проблеми, почнувајќи од економијата, која е пред колапс, па до курдскиот проблем и заканата од тероризмот.
Сепак, тој прави голема грешка кога долева масло на огнот и ги засилува тензиите со Грција, сосед, сојузник во НАТО и единствената членка на Европската унија која искрено поддржува најблиски можни односи меѓу Анкара и Брисел. Тој мора да сфати дека нормализирањето на грчко-турските односи е во стратегиски интерес на Турција и да се однесува соодветно.
Автор: Том Елис