Министрите за финансии и гувернерите на централните банки на земјите од Г-20 соопштија дека засилените тензии во трговијата и геополитика се закануваат да го исфрлат од колосек светскиот раст, и повикаа за поголем дијалог.
Во завршната декларација од средбата на Г-20 во Буенос Ајрес тие истакнаа дека светскиот економски раст е силен, а невработеноста е на најниско ниво во последните десет години, но предупредија дека растот станува понесинхронизиран меѓу големите економии и оти се зголемиле ризиците од негативни трендови на краток и среден рок.
Средбата се одржа во момент кога се заострува реториката во трговскиот конфликт меѓу САД и Кина.
Американскиот министер за финансии Стивен Мнучин по завршувањето на средбата изјави дека ставот на Трамп во трговијата не е во корист на протекционизмот, туку сака слободна и фер трговија за САД.
- Ние многу силно ја поддржуваме идејата дека трговијата е важна за светската економија, но таа мора да биде заснована на праведност и реципроцитет, рече Мнучин на прес-конференција.
Тој информира дека немал значајни разговори за трговијата со кинескиот министер за финансии Лиу Кун на средбата на Г-20.