Кинеските власти покренаа истрага за продажбата на челик од Европската унија и од Јужна Кореја во таа држава, што може да ги искомпликува настојувањата на Пекинг да обезбеди поддршка од Брисел и Сеул во царискиот спор со претседателот на САД Доналд Трамп.

Министерството за трговија на Кина соопшти денеска дека ќе истражи дали некои производи од челик од ЕУ, Јужна Кореја, Јапонија и од Индонезија се продаваат по недозволено ниски цени и дали би требало да подлежат на анти-дампинг мерки.

Кина засега неуспешно се обидува да добие поддршка од странство во спорот со Вашингтон, кој ги зголеми царините за увоз на кинески стоки, тврдејќи дека Пекинг нанесува штета на американски компании со кражба или вршење притисок врз нив да предадат технологија.

Лидери од ЕУ и други држави ја критикуваат политиката на Трамп, но многумина се согласуваат со критиките од Вашингтон на сметка на кинеските пазарни бариери и индустриската политика.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 10:44