Вкупните кредити на домаќинствата во јуни годинава се зголемиле за еден процент на месечна основа, а за 9,7 проценти на годишна основа, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

Анализирано според наменета на кредитите од физичките лица, кај најзастапената категорија, потрошувачките и станбените кредити, е евидентиран месечен раст од 1,3 проценти, односно 1,2 проценти, што на годишно ниво изнесува 11,1 процент и 14,9 проценти.

Месечен пад од два процента е забележан кај автомобилските кредити и од 0,5 проценти кај негативните салда на тековните сметки, а по овие два основа на годишно ниво е остварен раст од 0,2 проценти односно 4,8 проценти. Во јуни годинава кредитите одобрени на кредитни картички се непроменети на месечна основа, а на годишно ниво бележат намалување од 0,8 проценти. Во јуни кај кредитите одобрени врз други основи е остварен месечен раст од 0,6 проценти при годишно намалување од 0,8 проценти.

Кај корпоративниот сектор, пак, кредитите во јуни бележат раст од 0,8 проценти на месечна основа, во услови на речиси подеднаков придонес кон растот на кредитирањето во денари и во странска валута. На годишна основа е забележан раст на кредитнатa активност од 2,9 проценти, што во услови на намалено кредитирање во странска валута, целосно е резултат на зголеменото денарско кредитирање, наведува НБРМ.

Вкупните кредити во Македонија во јуни годинава се зголемиле за 0,9 проценти на месечно ниво, што според Народната банка на Република Македонија се должи на зголеменото кредитирање и во корпоративниот сектор и кај домаќинстава, кои имаат речиси подеднакво учество во месечната промена. На годишна основа кредитниот раст изнесува 6,2 процента, во поголем дел од зголемено кредитирање на секторот домаќинство кое учествува со 74,2 процента во растот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2018 10:56