Германскиот министер за надворешни работи Кристофер Бургер денеска апелираше на воздржаност на лидерите на САД и на Иран по заострената реторика помеѓу иранскиот и американскиот претседател Хасан Рохани и Доналд Трамп.
- Поддржуваме дијалог и преговори и ги повикуваме сите страни да се воздржат и реторички да се разоружаат, посочи Бургер, додавајќи дека заканите со воена сила никогаш не се корисни.
Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави Трамп поради неговиот „цврст став“ кон Иран.
- Трамп и американскиот државен секретар Мајк Помпео зазедоа јасен став против иранската агресија, откако светските сили со години му угодуваа на Иран, истакна Нетанјаху.
Иранскиот претседател Хасан Рохани вчера предупреди „Господине Трамп, не си играјте со опашката на лавот, поради тоа можете да зажалите“.
Тој додаде дека „Америка треба да знае дека мирот со Иран е мајка на секој мир, а војната со Иран е мајка на сите војни“.
Трамп денеска возврати на предупредувањето на Рохани „никогаш повеќе да не се заканува на САД“.
- Никогаш повеќе не се заканувајте на САД или ќе ги трпите последиците од какви малкумина страдале во историјата, напиша Трамп на Твитер, користејќи само големи букви, што во интернет комуникацијата се сфаќа како викање.
- Ние повеќе не сме земја што ги поддржува вашите луди зборови за насилство и смрт. Внимавајте!, додаде Трамп.