Државниот секретар на САД, Мајк Помпео ги нарече верските лидери на Иран „лицемерни светци“ кои натрупале големо богатство додека нивниот народ страда.
- Понекогаш ми се чини дека светот стана нечувствителен на авторитарноста на иранскиот режим во земјата и нивните кампањи на насилство во светот, но гордиот ирански народ не молчи за бројните владини репресии, посочи Помпео.
Тој додаде дека ниту САД и претседателот Доналд Трамп нема да молчат и „по повод 40 години од режимот на тиранија“ упати порака до народот на Иран дека САД „ги слушаат, поддржуваат и дека се со нив“.
Помпео ги критикуваше и политичките и воените лидери на Иран, обвинувајќи ги за учество во сеопшта корупција, додавајќи оти иранската Влада „бездушно ги крши човековите права, достоинството и основните слободи на својот народ“.
Американскиот државен секретар потенцира и дека САД преземаат кампања на дипломатски и финансиски притисок за стопирање на финансирањето, како и повторно воведување на санкции за банкарскиот и енергетскиот сектор во Иран.
Трамп во мај ги повлече САД од мултилатералниот Договор за иранската нуклеарна програма, а се очекува првите санкции да бидат воведени на 4 август.