Околу 400 „Бели шлемови“ остануваат заглавени во јужна Сирија еден ден по евакуацијата што ја организираше Израел, информира претставник на организацијата кој изрази страв за судбината на членовите кои останаа во земјата.

- Ги повикуваме засегнатите страни да ни помогнат да излеземе од сирискиот југ, изјави 23-годишниот Сезар, доброволец во новинарска екипа на „Белите шлемови“ во градот Дара.

Владата во Дамаск вчера ја осуди евакуацијата на стотици членови на сириската невладина организација „Бели шлемови“ во Јордан нарекувајќи ја „криминална операција“ на Израел и неговите слуги. Сириската Влада ги обвинува „Белите шлемови“, познати и под името Сириска цивилна одбрана дека се агенти на странски непријатели и оти соработуваат со бунтовниците против претседателот Башар ал Асад.

Членовите на организацијата и нивните семејства се преселија од Сирија во Голанската висорамнина окупирана од Израел, а потоа се префрлија во Јордан. Израел соопшти дека помогнал за нивното евакуирање на барање на американскиот претседател Доналд Трамп и други светски лидери поради опасност по животот на активистите.

Вкупно 422 лица, евакуирани ноќта меѓу саботата и неделата, пристигнале во Јордан. Се очекува ови луѓе да бидат префрлени во Велика Британија, Германија, Канада или Франција.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 10:11