Американскиот претседател Доналд Трамп размислува да го укине пристапот до безбедносни информации за неколкумина поранешни функционери од администрацијата на неговиот претходник Барак Обама и неговите критичари, но Конгресот е против.

Портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс изјави дека американскиот претседател „ги разгледува механизмите" за укинување на привилегиите на поранешниот директор на ЦИА Џон Бренан, поранешниот директор на ФБИ Џим Коми, поранешниот директор на Националната разузнавачка служба Џејмс Клапер и други.

Сандерс ги обвини тие поранешни функционери дека ја „политизирале, и во одделни случаи и наплатиле“ својата работа во јавната служба и пристапот до доверливи информации, како и дека изнеле „неосновани обвиненија“ против претседателот.

Но, членови на Конгресот на САД ја отфрлија идејата на Белата куќа за укинување на пристапот до доверливи информации на поранешните официјални претставници на администрацијата на Обама, кои го критикуваа Трамп.

Републиканскиот сенатор Џон Корнин од Тексас денеска изјави дека може да ја разбере огорченоста на Трамп поради некои поранешни функционери кои „очигледно ја посрамотиле униформата на противничкиот тим", но истакна дека не знае дали некогаш ги злоупотребиле своите привилегии за пристап до безбедносни информации.

- Тоа е многу сериозно обвинение, рече Корнин.

Највисоко позиционираниот демократ во Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на Соединетите Држави, Елиот Енгел од Њујорк, смета дека укинувањето на привилегиите би било „иронично“, имајќи предвид дека такви безбедносни одобренија се дадени на членовите на семејството Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 10:50