Сите компании кои аплицираа за грантови на повикот од Фондот за иновации и технолошки развој ќе бидат повикани во рок од 15 дена да се изјаснат дали во својата сопственичка структура имаат поврзаност со носител на јавна функција. Проектите на фирмите што ќе декларираат такво нешто, како што рече директорот на ФИТР, Јован Деспотовски, повторно ќе бидат разгледани од Комитетот за евалуација за утврдување евентуален конфликт на интереси.

Според Деспотовски, ова е една од активностите што ги презема Фондот за иновации по реакциите во јавноста околу распределбата на грантовите со повикот на Фондот на кој аплицираа 235 компании, од кои за 160 е донесена позитивна одлука за доделување грантови, а за 30 за условено вложување.

Деспотовски потенцираше дека сеуште не се склучени договорите со фирмите и не се исплатени планираните финансии. Да сакавме нешто да сокриеме ќе ги склучевме договорите, рече Деспотовски.

Како што најави, за следниот јавен повик секоја компанија при аплицирањето ќе треба да декларира дали во сопственичката структура има лица кои се носители на јавни функции или членови на нивни семејства.

Деспотовски повтори дека верува оти активностите на институцијата со која раководи се исправни, дека има резултати и оти во иднина ќе има уште поголеми.

Пристигнатите проекти од компаниите на повикот што беше распишан на 27 април годинава и траеше 45 дена, ги оценуваа 80 домашни и пет надворешни експерти.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2018 14:15