Во следните неколку часа се очекува косовската Влада да се произнесе околу одлуката за зголемените царини за овошјето и зеленчукот, соопшти денека министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Николовски на прес-конференција во Владата рече дека очекува позитивен исход, односно повлекување на мерката.
- Одлуката мора да биде повлечена. Сите разговори одат во тој правец. Во постојана комуникација сме со косовските колеги, а Владата на Косово уште денеска ќе има седница. Лично сметам дека во следните неколку часа ќе има нов момент, напомена министерот.
Според него, разгледани ќе бидат сите опции за надомест на предизвиканите штети од косовската мерка која го стопираше извозот на овошјето и зеленчукот од Македонија. Соодветно ќе се интервенира, зависно од тоа што ќе се утврди на терен.
Николовски уште еднаш потврди дека утре во Белград средба ќе одржат ресорните министри од регионот за да заземат заеднички став околу косовската мерка.
- Неколку дена чекавме, сметам дека во следните неколку часа ќе ги дозанеме новите моменти од Косово, подвлече министерот за земјоделство.