Германското разузнавање предупредува дека Иран сериозно ги засилил своите капацитети за вршење на кибер напади и дека оваа земја претставува закана за компаниите и за научно-истражувачките центри во Германија.
Документ на германското разузнавање, што денеска го претстави министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, укажува дека бројот на кибер напади кои доаѓаат од Иран се зголемува од година во година.
Главни цели на овие напади се германската Влада, политички дисиденти, организации за заштита на човековите права и компании од авионската, одбранбената и нафтената индустрија.
- Веќе не може да се утврди разлика во квалитетот меѓу руските, кинеските и иранските кибер напади, пишува во документот на германското разузнавање.
Овие три земји, потоа Индија и Виетнам, се посочени како најголеми кибер закани за Германија, но на оваа листа се и некои од западните земји, информираше Зехофер.
Германскиот министер за внатрешни работи воедно предупреди дека бројот на исламисти во земјата, кои претставуваат потенцијална опасност за безбедноста, изнесува рекордни 774.