Германската фабрика Дрекслмајер во Кавадарци ги отвори вратите за стотина домашни компании. На отворениот ден, компанијата пред претприемачите ги презентираше внатрешните корпорациски правила при процесот на набавки.

Домашните компании се интересираа како да се оствари првичен контакт со фабриката, каков е процесот на набавки и кои критериуми и услови треба да се исполнат за деловна соработка со Дрекслмајер.

Од фабриката рекоа дека иако успешно соработуваат со над шестотини домашни компании, сѐ поголем е интересот на македонските потенцијални добавувачи, кои се заинтересирани за деловна соработка.

- Големиот интерес за деловна соработка на домашните компании нам ни покажува дека тие во нас препознаваат сигурен, стабилен и атрактивен клиент. Особено се радувам што меѓу вас денес имаме и компании кои започнале како добавувачи на Дрекслмајер Македонија, а во последните години се развиле така што денес се добавувачи на DRÄXLMAIER Group во светски рамки, истакна Лукас Мирингер, генерален директор на Дрекслмајер Македонија.

Маjк Штајнмец, директор за индиректни набавки во DRÄXLMAIER Group, рече дека градењето на меѓусебната доверба е долготраен процес.

- Составен дел на нашето партнерство е обезбедувањето на услуги со највисок квалитет и според највисоки меѓународни стандарди, додаде Штајнмец.

Компанијата Дрекслмајер останува и понатаму отворена за соработка со заинтересираните домашни претприемачи.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2018 16:06