Царинската управа на Рeпублика Македонија денеска потпиша меморандуми за соработка со Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и ДХЛ Експрес Македонија.
Мерките регулирани со меморандумите, информираат од Царинската управа, ќе резултираат со зголемена успешност во олеснување на трговијата со пратки, наплатата на приходи и подигнато ниво на заштита и безбедност, во услови на избалансираност помеѓу олеснети услови за непречен проток и оптимизирана контрола на стоката и пратките, како и правилна примена на царинските прописи.
Меморандум за соработка, што претставува пристапување на Царинската управа на Република Македонија во почесно членство во Асоцијацијата за е-трговија, го потпишаа претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија Нина Ангеловска и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.
Потписниците на Меморандумот, како што информираат од Царинската управа, соработката ќе ја остваруваат преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонeсуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата, за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за област на дејствување и соодветната целна група.
Меморандумот за соработка потпишан меѓу директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и директорот на ДХЛ Експрес Македонија Нанослав Радовиќ, се вели во соопштението, ќе придонесе за зајакнување на борбата против трговијата со нелегални стоки и обезбедување на сигурен превоз на брзите пратки, промовирање на ефикасна размена на информации, изнаоѓање на практични решенија за взаемна помош при идентификување на пратки со поголем ризик и обезбедување на брз третман на пратките, без да биде доведено во прашање сигурноста и безбедноста на граѓаните.