Правобранителката на Европската унија, Емили О'Рајли денеска ги обвини Европската комисија и нејзиниот претседател Жан-Клод Јункер дека несоодветно реагирале откако претходниот прв човек на ЕК, Жозе Мануел Баросо, стана лобист на банката „Голдман Сакс“.
Според О'Рајли, ова фрла лоша светлина на работата на ЕК, која не ги спровела препораките на правобранителската канцеларија.
При ангажманот како лобист, Баросо преземал обврска да не лобира кај членовите на Комисијата на Јункер, дел од кои работеа и во претходната - неговата Комисија. И покрај тоа, во октомври во Брисел Баросо се сретнал со поранешниот фински премиер Јурки Катаинен, кој сега е потпретседател на Комисијата за инвестиции и конкурентност.
Катаинен и Баросо тврдат дека се работело за приватна, лична средба, но според О'Рајли, таа била со деловен карактер и се однесувала на активности на Комисијата кои може да се одразат на финансиската работа на „Голдман Сакс“.
- За жал, Комисијата на Јункер не се придржуваше до препораката да не му дозволи на Баросо да лобира кај членови на ЕК, оцени правобранителката О'Рајли, која исто така ја критикуваше одлуката за именување на шефот на кабинетот на Јункер, Германецот Мартин Селцмаер, за генерален секретар на ЕК.