Венецуелскиот претседател Николас Мадуро соопшти дека од националната валута боливар наскоро ќе се отсранат пет нули.

Според Меѓународниот монетарен фонд, инфлацијата во Венецуела, која е погодена од економска и политичка криза, годинава може да достигне милион проценти.

- На 20 август стапува во сила планот за економско заживување со промената на нашата валута, со пет нули помалку, рече Мадуро на седница на Владата.

Првично беше предвидено да се печатат банкноти со три нули помалку и таа мерка да стапи во сила на 4 август. Новите пари требаше да бидат пуштени во промет на 4 јуни, но тоа беше одложено по барање на централната банка.

Според Мадуро, новата мерка ќе ги олесни финансиските трансакции и ќе го заштити боливарот.

- Пет нули помалку за нов стабилен финансиски и валутен систем, истакна тој.

Мадуро тврди дека економската криза и хиперинфлацијата во Венецуела се резултат на економската војна која десницата и САД ја водат за да го соборат од власт.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 10:25