Ситуацијата помеѓу синдикатите и Рајан Ер ескалира откако штрајковите во повеќе европски градови доведоа до стотици откажани летови, а директорот на компанија најави дека одбива да им плати отштета на патниците.
Екипажите на нискобуџетната компанија започнаа штрајк во Белгија, Португалија, Шпанија и Италија во знак на протест против условите на работа во Рајан Ер. Поради овие штрајкови веќе 600 летови се откажани во Европа, а 50.000 патници засегнати.
Според европското законодавство, патниците во ЕУ имаат право на отштета од 250 до 600 евра во случај на откажан лет, под одредени услови. Но, денеска, компанијата најави дека нема намера да ги плаќа отштетите и оцени дека синдикатите се однесуваат „неразумно“ и „вон контрола“ на компанијата.
Од Европската комисија оценија дека одлуката за отштета не е автоматска и дека треба да биде донесна под контрола на националните надлежни власти.
Во Белгија владата побара од надлежните да ја следат состојбата, а телото за заштита на потрошувачите најави тужби доколку патниците не добијат отштета.
Штрајковите во Рајан Ер почнаа на почетокот од оваа недела во Ирска од страна на пилотите, по што компанија одлучи да отпушти стотици вработени како и намалување на бројот на летови од Даблин. Рајан Ер планира да надоместо со отворање летови во други земји како Полска, најави оперативниот директор на компанијата.
По оваа најава на авиокомпанијата започна новиот штрајк во Шпанија, Белгија, Португалија и Италија. Синдикатите бараат исти услови за работа за вработените и за оние кои се под привремен договор во компанијата, тие бараат од Рајан Ер да ги применува националните законодавства во секоја земја каде вработува, бидејќи нискобуџетниот авиопревозник ги применува само ирските закони, кои предвидуваат послаба социјална заштита отколку во многу западноевропски земји.