Северна Кореја ќе мора да покаже конкретни дела за прекин на својата нуклеарна програма, доколку сака укинување на меѓународните санкции кон неа, изјави денеска во Сеул германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

- Кога ќе дојде време ние сме подготвени да го поддржиме процесот, што се спроведува овде, изјави Мас, додавајќи дека Германија е подготвена да помогне за нуклеарното разоружување на Корејскиот Полуостров.

Како што јави ДПА, Мас нагласи дека Германија би можела да придонесе за уништување на севернокорејската нуклеарна програма со искуствата што ги стекна во текот на преговорите за постигнување на нуклеарниот договор со Иран.

На средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур минатиот месец, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун најави дека Пјонгјанг е подготвен за елиминирање на своето нуклеарно оружје.

Иако Севена Кореја со месеци не изврши нуклеарен или рекетен тест, Мас изрази резрева кон ветувањата на Ким за запирање на нуклеарните активности.

- Во минатото имаше многу прекршувања на меѓународното право и навистина многу разочарување, истакна Мас,

Тој сепак изрази оптимизам околу спроведувањето на ветувањата на „режимот во Северна Кореја“, истакнувајќи дека тоа веројатно е најдобрата можност за надминување на деценискиот конфликт на Корејскиот Полустров.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 16:04