Европскиот суд на правдата му даде зелено светло на ирското судство да одбие екстрадиција на полски граѓанин во Полска и покрај европска потерница за него.

Како што јави дописничката на МИА, доколку ирскиот Суд одлучи да не го екстрадира лицето, со тоа првпат ќе ја доведе во прашање полската правна држава.

Досега сомнежите за судството во Полска беа изразени главно од страна на Европската комисија, која отвори повеќе прекршочни процедури против Варшава, но одлуката на Европскиот суд на правдата отвора простор за уште посилен удар врз контроверзите полски судски реформи.

Случајот започна од Ирска, од која Полска го бара својот државјанин Артур Цемер по кого распиша европска потерница под обвинение за шверц со дрога. Адвокатите на Цемер побараа од ирскиот Суд да не го екстрадира обвинетиот и се повикаа на промените во судскиот систем во Полска, извршени од страна на владејачката десничарска партија Право и правда (ПиС) во последните години.

Европската комисија смета дека овие промени директно ја загрозуваат правната држава во Полска и поради тоа води повеќе прекршочни процедури против државата.

Судот во Ирска побара од Европскиот суд на правдата одговор на прашањето дали смее да го блокира европскиот систем на потерница во случајот на Цемер, на што Судот одговори позитивно.

Сега ќе зависи од ирскиот Суд дали Полјакот ќе биде екстрадиран.

Доколку ирскиот суд одлучи да ја блокира потерницата и да не го екстрадира Цемер, тоа ќе претставува најсилниот удар до сега за полската владејачка партија, бидејќи ќе значи дека Европската Унија повеќе нема доверба во непристрасноста на полските судии и капацитетот на полската правна држава, што е фундаментален принцип на европските демократии.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 16:06