Околу 70 отсто или 50.000 тони се откупени досега од вкупното годинашно производство на бостан, соопшти денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Одговорајќи на пратеничко прашање, Николовски истакна дека претходните години цената на бостанот паѓаше под два денара, а сега е меѓу три и шест денари за килограм.

- Оваа година нема незадоволство кај земјоделците зашто 96 отсто од вкупната Програма за директна поддршка е реализирана до 30 јуни. Земјоделците ги добија парите кога им беше потребно. Земјоделското производство во првиот квартал од годинава бележи 5,5 отсто раст, земјоделците се ослободени од персоналниот данок на доход што е дополниелна поддршка, а на 1 август ќе се објави и тендерот за картичките за „зелена нафта“, откако по 10 години предлагање, законот се донесе, нагласи Николовски.

Ова се, рече, фактите, за кои треба да се дебатира во Собранието.

- Не бегајте од реланоста и од одговорите. Да се соочиме со фактите и аргументите. Овде е место за дебата, затоа, да разговараме, му порача Николовски на пратеникот Драган Цуклев кој го постави прашањето за откупот на бостанот.

Министерот се осврна и на тутунот. Напомена дека годинава има историски највисока цена, а на производителите им се исплатени и субвенциите. Тие, рече, добија 28 милиони евра зголемена поддршка по класи.

Во врска со грозјето, информира дека за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, сега ниту една винарска визба не им должи на лозарите, долговите се исплатени. - Лани грозјето постигна највисока цена во последните седум години, а за 11,5 отсто е зголемен извозот на вино во првите неколку месеци од годинава, укажа Николовски.

За пченицата Владата донесе сет мерки од 4,5 милиони евра за поддршка на откупот. - Затоа нема проблеми. Земјоделците се задоволни и зашто ја објавивме просечната производна цена, а дополнителни субвенции има и за откупувачите. Откупната цена се зголемува и кај јачменот и кај пченицата, најголем дел од откупот е завршен. Интервениравме и кај доматите со седум денари кога беше потебно, информира министерот за земјоделство Николовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2018 16:24