Продолжува бранот горештини што ја зафати Европа, при што земји како Велика Британија се соочени со највисоките температури во изминатите декади.
Се очекува на југоистокот на Англија температурите да ги надминат рекордните 38,5 Целзиусови степени измерени во 2003 година. Во Шкотска веќе беше забележана нова рекордна температура од 33,2 степени. Воедно, во југоисточниот дел на Англија немало пообилен дожд од 29 мај.
Франција прогласи портокалова тревога во 18 области поради високите температури. Потрошувачката на струја во земјата достигна рекорди поради масовната употреба на клима уреди.
Германците исто така очекуваат високи 38 степени, а метеролозите информираа дека ноќеска температурите не паднале под 20 степени.
И Холандија прогласи тревога, што се случува првпат во изминатите три години, а во делови на земјата се воведени рестрикции на вода.
Швајцарија забрани палење огнови во повеќе кантони за да се спречат шумски пожари, додека во Шведска, каде веќе избија големи пожари, метеролозите очекуваат дождови дури во текот на викендот.